Се одбележува Денот на македонскиот јазик

Со свечени настани, трибини и работилници, денеска низ Скопје ќе биде одбележан 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Во организацијата се вклучени Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Собраниската комисија за култура и туризам, како и ФИНКИ.

Во Институтот за македонски јазик ќе се одржи свечен настан со поздравни обраќања на директорката Елена Јованова-Грујовска, директорката на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Кристина Николовска, како и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Се вчитува...

Во рамки на програмата, научниот советник Борче Арсов ќе одржи пригодно излагање на тема „Од црти и рески до кирилицата: патот на македонското писмо“.

Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет ќе го одбележи празникот со трибина посветена на современите состојби во јазикот и неговата употреба во правните акти. Најавени се обраќања на професори и експерти од повеќе институции.

По повод Денот на македонскиот јазик, собраниската Комисија за култура и туризам ќе одбележи и значаен јубилеј – 80 години од излегувањето на првата граматика на македонски јазик „Македонска граматика“ од Круме Кепески. На настанот ќе се обратат претставници од Собранието, пратеници и универзитетски професори, кои ќе говорат за значењето на македонскиот јазик во образованието и културата.

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, пак, ќе организира работилница под наслов „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“, посветена на современите технолошки алатки за зачувување и развој на јазикот.

Денот на македонскиот јазик официјално се одбележува од 2019 година, во чест на 5 мај 1945 година, кога е донесено решението за усвојување на македонската азбука како официјално писмо. Македонскиот јазик беше прогласен за службен јазик на заседанието на АСНОМ во 1944 година, а неговата кодификација е заокружена со донесувањето на првиот правопис на 7 јуни 1945 година.