Се огласи синот на Халид Бешлиќ по смртта на неговиот татко: „Добро сме сите…“

Легендарниот пејач на народна музика, Халид Бешлиќ, почина денес на 71-годишна возраст, оставајќи ја зад себе сопругата Сејда и синот Дино Бешлиќ. Дино се огласи за медиумите и кратко изјави:

„Добро сме сите. Така е, како што е“, рече кратко тој.

Халид Бешлиќ го чувал својот приватен живот далеку од јавноста, но познато е дека неговиот син имал сообраќајна незгода во Сараево во мај 2017 година, при што биле повредени три лица, вклучувајќи го и него.

Пејачот исто така имал сообраќајна незгода и во 2009 година, кога го изгубил окото. Тој еднаш изјавил:

„По несреќата си го продолжив животот. Од тогаш живеам поуредно, размислувам… живеев 300 на час! Престанав и да пијам. Секогаш го ценев животот. Не предизвикав ужасна сообраќајка; сè е судбина. Од тогаш не возам – пријателите ме возат, а за мене возењето заврши.“

Покрај музичката кариера, Халид Бешлиќ беше познат по својата скромност и добрина. Тој еднаш рече:

„Можам да возам скап автомобил, да снимам спотови вредни милиони, но зошто да го правам тоа додека мојот сосед нема за леб? Мене ми е задоволство да го нахранам него, да одам во јавна кујна, да придонесам, да нахранам 100 гладни усти или во детски дом да донирам пари. Би сакал кога ќе одам, да ме паметат како добар човек, а не само како добар пејач.“

Тој останува запаметен како „човек од народот“ – пејач со големо срце и скромен живот, чија музика и дела ќе останат вечно во сеќавањето на многумина.