Во Министерството за култура почна разгледувањето на одбиените апликации на годишниот конкурс за 2019. Во своите канцеларии, членовите на комисиите уште еднаш ги разгледуваат сите апликации, откако последниве денови се крена голема прашина дека некои од нив се неоправдано одбиени. Од Министерството за култура велат дека некои апликации иако ги исполнувале естетските критериуми на конкурсот, биле одбиени поради некомплетна документација.
„Комисијата за издаваштво ќе ги разгледува одбиените апликанти, но не и корекција или ретерирање на веќе одобрените апликанти и сумите со кои апликациите се веќе поддржани. Некои апликации, иако ги задоволуваа естетските критериуми на конкурсот, сепак беа одбиени поради административни недостатоци и некомплетна документација. Комисијата ги корегираше техничките и ненамерни пропоусти што беа направениво процесот на обработка на податоците“ – Министерство за култура.
Ејуп Ајдини од издавачката куќа „Менада“ вели дека 20 години неговите проекти се одбивани. Како што вели тој, само во последните две години добил поддршка од Министерството за култура. Тој вели дека не му се одобрени средствата што ги побарал, но дека е задоволен и со тоа што го добил.
„Конкуриравме со неколку проекти. Два проекта отпаднаа од конкуренција, што е нормално. Не значи дека сите треба да бидат прифатени. Ова што се прави во последно време, повеќе ми личи на политика. Сакаат по секоја цена и културата да ја политизираат. Еднаш се случи голем број проекти да добијат Албанци и настана хаос“, изјави Ејуп Ајдини од издавачката куќа „Менада“.
Од Министерството за култура велат дека одлуките за одбиените проекти ќе се поништат и доколку се утврдат неправилности, листата ќе биде надополнета.
РЕПОРТЕРКА: АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА