Семејна голгота на самохрана мајка, поранешниот сопруг со закани по живот за нејзе и децата

Си ги убил комшиите и заминал во Шведска. Таму ја малтретирал својата сопруга, заканувајќи се дека ќе и ги одземе децата. Двапати се обидел да ја убие. Преплашена, си ги земала децата и се вратила во Македонија во куќата на своите родители. Поранешниот сопруг сега издржува доживотна казна затвор за убиство во Идризово, но овде не завршува сагата на 48 годишната Билјана од Скопје. И покрај тоа што тој е зад решетки, им се заканувал дека штом излезе на слобода ќе ја истепа и неа  и нејзините две деца. Со страв во очите бара помош.

„Немојте, Ве молам да дозволиш вакви луѓе – криминалци кои уништуваат животи на невини луѓе и на деца да биде пуштен од затвор. Бидејќи тој има пари и имот што ги чува за да ги потплатува полицајците. Затоа тој се надева дека ќе биде пуштен зашто има пари. За децата ништо не плаќа. Имаше и судска пресуда да плаќа по 3000 денари, никогаш не ги даде тие пари.“, вели Билјана Наумовска.

Се вчитува...

Постарата ќерка која е веќе полнолетна, вели дека татко и, иако во затвор, често ја контактирал за да му завршува обврски низ градот, а кога таа одбивала да го стори тоа, станувал многу гневен. Вели дека се плаши од она што би можело да се случи доколку тој излезе на слобода.

„Татко ми секогаш некаде ме праќа иако јас не би сакала да одам. Избегнувам да му се јавам. Не е лесно да се бега. Некогаш само треба да се соочиш со ситуацијата. На некои моменти – да се плашам. Многу често се заканува, избувлив е, не е трпелив“, рече Мануела.

Ситуацијата дополнително ја влошува и состојбата на Билјана, бидејќи таа е скоро неподвижна. Поголемиот дел од обврските паѓаат на ќерката. Билјана работи во Музејот на современа уметност како продавач на билети, но вели дека со плата од едвај 10 илјади денари под покривот на родители кои  не ја поддржуваат, не успева да си обезбеди нормален живот за себе и своите две ќерки.

„Ако може, овие што имаат градежни компании, не барам луксуз едно најобично собиче, со ВЦ и кујна, за да имам каде да седам, на приземје,  да не бидам повеќе на моите родители терет. И тие ќе се чувствуваат подобро и јас. Да го осетам животот како е да се живее сам и да не си терет никому.“, вели Наумовска.

Билјана е само една од жртвите на семејно насилство. Според анализите, секоја втора жена во Македонија се соочува со психичко или физичко насилство во својот дом. Поголемиот дел од нив, молчат за својата тортура.

Репортер: Данче Азманова

Извор: ТВ21