Северна Кореја ја пофали „Squid Game“: Тажната реалност на бруталното јужнокорејско општество

Пропагандните медиуми во Северна Кореја ја фалат хит серијата на Нетфликс „Squid Game“, наведувајќи дека ја открива реалноста на јужнокорејската капиталистичка култура каде „корупцијата и неморалните измамници се секојдневие“.

Севернокорејската веб -страница „Ариранг Меари“ цитира неименувани јужнокорејски филмски критичари кои велат дека серијата покажува „општество на нееднаквост каде луѓето без пари се третираат како шаховски фигури за богатите“, пренесува Ројтерс.

Јужнокорејската серија за луѓе во долгови кои се натпреваруваат за вредна парична награда во смртоносни верзии на игри за деца, стана глобален хит и најгледана содржина на стриминг услугата Нетфликс за кратко време.

„Серијата ја открива тажната реалност на бруталното јужнокорејско општество што ги води луѓето до екстремна конкуренција и бришење на нивната човечност“, се наведува на веб -страницата на Северна Кореја.

Ројтерс потсетува дека репресивниот режим во Северна Кореја воведе строги казни за граѓаните кои уживаат во јужнокорејската поп -култура или користат сленг на своите јужни соседи.

„Squid Game“, сепак, не е првото јужнокорејско достигнување што доби јавен благослов од Пјонгјанг. Филмот оскаровец „Паразит“ од 2020 година беше оценет во севернокорејските медиуми како ремек-дело што „остро ја откри реалноста“ за јазот меѓу богатите и сиромашните во Јужна Кореја.