Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска присуствува на Самитот за трансформација на образованието во САД. Самитот има за цел да мобилизира глобална политичка акција, барање решенија и покажување солидарност во пост – пандемискиот период, но и подобрување на квалитетот на образованието.
Како што соопштија од Министерството за образование и наука (МОН), Самитот е отворен со дискусија на тема глобално движење кон трансформација на образованието, при што била истакната важноста на солидарноста, како и важноста на фокусирањето кон гласот на младите.
Исто така, се одржала и дебата посветена на меѓугенерациските дијалози, во која учествуваа млади луѓе и политички лидери, а со цел овозможување партиципативни дијалози за трансформирање на образованието.
Фокусот на вториот ден од Самитот, е како да се обезбеди дигитална иднина за секое дете и неопходноста од глобално обединување и примена на правичен пристап за дигитална трансформација.
-Низ повеќе сесии беа остварени директни разговори за акциите што треба да се преземат за да можат образовните системи да се трансформираат и да се обезбеди унапредување на развојот преку образование за секого, посочија од МОН.