Свет

Шарл Мишел: Војната меѓу Израел и Хамас може да доведе до проблеми за Европа

Шарл Мишел: Војната меѓу Израел и Хамас може да доведе до проблеми за Европа

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, предупреди дека војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас може да доведе до нагло зголемување на бројот на бегалци кои се упатуваат кон Европа, а со тоа ќе го зголеми ризикот од зајакнување на антиимигрантските сили, продлабочување на поделбата и подгревање на тензиите меѓу поддржувачите на Израел и оние на Палестинците, објави Асошиејтед прес.

„Видете, ако има повеќе тешкотии на регионално ниво, веднаш ќе имаме огромни тешкотии на европско тло поради бегалците“, рече претседателот на Европскиот совет.

„И знаеме како тоа може да го искористат некои политички сили во ЕУ за да поттикнат некои противречности и да има повеќе поделби во ЕУ“, рече Мишел, посочувајќи дека тоа може да ја зголеми поларизацијата за едно од најспорните прашања во многу европски земји.

„Знаеме дека во нашите општества има и различни чувства и емоции кај нашите граѓани“, додаде Шарл Мишел.

Најновите бројки на ЕУ, од минатиот месец, покажуваат дека годинава досега во Европската унија пристигнале 194.269 илегални мигранти. Во ЕУ има сериозна поделеност за тоа како да се справи со новопристигнатите. Некои од земјите-членки на блокот ги поддржуваат иницијативите на Брисел насочени кон распределба на мигрантите меѓу земјите-членки. Другите земји од ЕУ, како Унгарија и Полска, се противат на заедничката одговорност за мигрантите.