Македонија

Шасивари: Борбата против криминалот и корупцијата во затворите е приоритет

Шасивари: Борбата против криминалот и корупцијата во затворите е приоритет

Зајакнувањето на безбедноста во казнено-поправните установи и спречувањето на влијанието на организираниот криминал се меѓу клучните цели на реформата на пенитенцијарниот систем. Ова го истакна министерот за правда Јетон Шасивари на Регионалната конференција „Организиран криминал во затворите – зајакнување на интегритетот, разузнавачките капацитети и соработката во Југоисточна Европа“.

Шасивари порача дека организираните криминални групи ги надминуваат националните граници и ги користат институционалните слабости, поради што, според него, потребен е координиран одговор на земјите од регионот.

„Криминалните мрежи не познаваат граници. Тие комуницираат преку границите, ги користат слабостите на институциите и ги поврзуваат своите активности во повеќе држави. Затоа и нашиот одговор мора да биде регионален“, рече Шасивари.

Тој нагласи дека се потребни побрза размена на разузнавачки информации, подобра координација меѓу надлежните институции, заедничка проценка на безбедносните и корупциските ризици, како и заедничко јакнење на капацитетите на пенитенцијарните системи.

Во насока на зајакнување на системот, во изминатиот период се вработени 100 нови службени лица, воведени се специјализирани антикорупциски обуки, а формирани се и единици за затворско разузнавање во Идризово, Штип, Прилеп и Затвор Скопје.

Паралелно се работи и на професионализација на раководењето со затворскиот систем. Подготвителните активности за законски измени предвидуваат раководните позиции во затворската полиција да ги преземат искусни професионалци со соодветно искуство во системот.

Дел од реформите се однесуваат и на условите во казнено-поправните установи. За изградба на нови и подобрени објекти во КПД Идризово се обезбедени 25 милиони евра, како дел од проект вреден вкупно 46 милиони евра. Целта е создавање побезбедни услови и усогласување на инфраструктурата со европските стандарди.

Шасивари се осврна и на пробацијата и електронскиот надзор како инструменти на современата пенитенцијарна политика. Во 2025 година е донесена првата пресуда со која е определен куќен затвор со електронски надзор, а досега се донесени 11 судски одлуки за примена на оваа мерка.

Министерот порача дека борбата против организираниот криминал не може да биде ефикасна доколку секоја држава дејствува изолирано.

„Ниту една држава не може сама да се справи со организираниот криминал. Ни треба побрза размена на разузнавачки информации, подобра координација и заедничко градење на капацитетите. Безбедноста на нашиот регион е заедничка одговорност“, порача Шасивари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни