Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, кој престојува во посета на Скопје, рече дека би сакал да дојде во подобри околности, бидејќи како што вели, не е задоволен од одлуката на Европскиот совет. Додава дека нема да се откажат од европскиот пат на Северна Македонија. Германија гледа кон иднината, затоа ќе се заложи Северна Македонија да ги почне пристапните преговори за ЕУ, тврди Мас, додавајќи дека неговата земја е подготвена да даде дополнителна поддршка за да продолжи реформскиот процес.
Иако нема изготвен предлог за промена на преговарачката методологија, Германија е на став дека постапките можат да се реформираат, но Северна Македонија не смее да поминува низ нови контроли, додава Мас, изразувајќи ја желбата да има конечна одлука за старт на преговорите. Од друга страна, министерот за надворешни работи, Димитров, запрашан за поделбата на пакетот Македонија-Албанија, одговори дека начелото на процесот за членство е секој да се оценува согласно своите постигнувања во реформи.
Германскиот министер, Мас, исто така ја нагласи важноста на Западниот Балкан за безбедноста и стабилноста на Европа. Тој освен со Димитров, се сретна и со Претседателот Стево Пендаровски.