Шефот на грчката дипломатија: Се спротивставуваме на промените на границите на Балканот

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас вели дека Грција силно се противи на какви било дискусии за промена на границите на регионот и ги повикува сите земји од европскиот континент заеднички да се спротивстават на дестабилизирачките надворешни влијанија, очигледно алудирајќи на Русија.

Дендиас беше во официјална посета на БиХ, а по средбата со министерот за надворешни работи Бисер Турковиќ за новинарите изјави дека Грција силно го поддржува интегритетот и суверенитетот на БиХ и нејзината европска перспектива, сметајќи дека е важна за стабилноста на регионот, чии земји исто така треба да станат членки.

Се вчитува...

„Грција се противи на какви било дискусии за промена на границите на регионот“, рече Дендиас.

Тој додаде дека верува оти конструктивниот дијалог со трпение сè уште е најдобриот начин за решавање на внатрешните проблеми во БиХ, вклучително и дискусии за измените на Уставот и изборниот закон. „Решенијата секогаш треба да доаѓаат од самата земја, а не од надвор. Мораме да бидеме внимателни бидејќи се појавија напори од трета страна за дестабилизирање на регионот“, рече шефот на грчката дипломатија, повикувајќи ги сите балкански земји да ги спречат негативните надворешни влијанија.

Турковиќ истакна дека БиХ смета на поддршката на Грција за добивање кандидатски статус во ЕУ. Таа оцени дека на Брисел му станува се појасно зошто БиХ не е во состојба да ги исполни претходно поставените критериуми, односно да реши 14 приоритети дефинирани од Европската комисија во 2019 година, а поради променетите околности на европскиот континент сега очекува нов пристап. .

„Понатамошната блокада на напредокот кон членството само ќе ги интензивира негативните влијанија во регионот и ќе придонесе за дестабилизација“, рече Турковиќ, истакнувајќи ја подготвеноста на БиХ да ја следи политиката на Европската унија кон војната во Украина и санкциите против Русија. Таа рече дека затоа сега очекува посебни програми не само од Европската унија, туку и од НАТО, кои во случајот на БиХ ќе овозможат „неповратен процес“ на напредок кон членството во тие интеграции.