Македонија

Шекеринска одговори на американскиот сенатор: „Во НАТО секој придонесува колку што може“

Останаа уште 4 земји кои треба да дадат зелено светло РСМ да стане 30 полноправна членка на НАТО. Сенатот на САД вчера го ратификуваше пристапниот протоколот.

Еден од двајцата сенатори кои гласаа против е Ренд Пол, кој рече дека малите земји како што е Македонија немаат сили да се штитат самите, а не па да придонесуваат за безбедноста на земјите сојузници.

„Која е придобивката на САД за членството на земјите кои имаат војска која едвај ги штитат нивните земји. Јас велам дека членството на РСМ во НАТО апсолутно не носи ништо за нашата национална безбедност. Ние ќе земеме директни придонеси од РСМ помалку од 1 милион долари. Тоа не е фер нели? Јас сметам дека нема потреба да се прошири НАТО“, рече Пол.

Министерката Радмила Шеќеринска изјави дека не треба да се гледаат гласовите „против“ туку тие 91 гласа „За“ на САД, на најсилната земја членка на Алијансата. Одговарајќи на сомнежите на сенаторот Пол, Шеќеринска рече дека никој не очекува Македонија да придонесува колку Британија, Германија или САД, но дава свој придонес во стабилноста на регионот и учеството во мировните мисии на НАТО.

За важноста на членството на Северна Македонија во НАТО, денес во Брисел, на прагот на Самитот на Министрите за одбрана, зборуваше и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Со членството во НАТО, Северна Македонија придонесува за стабилноста на регионот и обезбедува економски просперитет. Пред неколку дена зборував со премиерот, Зоран Заев, и ми рече дека по членството во НАТО забележале значителен раст на странските инвестиции.“, рече Столтенберг.

Столтенберг изјави дека вратата на НАТО за Македонија е отворена и дека тоа го докажале сите земји членки. Тој очекува наскоро останатите четири земји членки да го ратификуваат пристапниот протокол. 25 држави досега го ратификуваа протоколот. Министерката за одбрана очекува до почетокот на декември, протоколот да го ратификуваат трите држави, освен Шпанија каде е во тек изборниот процес. Постои можност ратификацијата во Шпанскиот парламент да се случи во ноември, инаку во март 2020 година Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни