Македонија

Шекеринска: Продолжуваме со консултации со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои дадоа значаен придонес во досегашниот процес

Заменик претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Радмила Шекеринска денеска одржа работен состанок – брифинг со амбасадори и претставници на дипломатските претставништва на повеќе земји во Република Македонија.

Пред присутните, заменик претседателката Шекеринска зборуваше за напредокот на реформскиот процес, како и носењето и имплементацијата на реформските закони кои се во согласност со препораките на Венецијанската комисија, Европската комисија, ГРЕКО, препораките на граѓанските организации и стручната јавност.

-Огромен дел од работата е завршен, но се уште претстојат бројни предизвици и доста работа. Се посветивме на спроведување на Договорот со Грција, но не ги запоставивме ниту обврските со зацртаните реформи. Многу од донесените закони се консултирани со Европската комисија, со Венецијанската комисија, но и со опозицијата во парламентот. Продолжуваме со консултации, со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои дадоа значаен придонес во досегашниот процес, но ќе продолжиме да правиме напори за вклучување и на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со цел да добиеме што поширока поддршка за законите што треба да се донесат, особено оние кои се однесуваат на правосудството. Ќе продолжиме посветено да работиме на реформскиот процес што е во интерес на граѓаните и државата, посочи Шекеринска.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни