Новата седумгодишна финансиска рамка на Европската Унија за периодот 2028-2034 година се соочува со сериозни несогласувања уште пред да биде усвоена. Германија, Холандија, Шведска, Данска, Австрија и Финска предупредуваат дека би можеле да го блокираат предлог-буџетот доколку планираните расходи не бидат значително намалени, објави „Фајненшл тајмс“.
Според предлогот на Европската комисија, новиот буџет би можел да достигне речиси два трилиони евра. Шесте земји, кои се меѓу најголемите нето-придонесувачи во европскиот буџет, сметаат дека е потребна „фундаментална реформа“ на начинот на кој се распределуваат средствата.
„Доколку буџетските расходи не се намалат за стотици милијарди, нема да има договор за оваа година“, изјавил дипломат од една од земјите што стојат зад иницијативата, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Според барањата на шесте земји, поголем дел од европските средства треба да се насочи кон одбраната, како и кон поддршка на иновативните компании и стратешките индустрии. Истовремено, тие предлагаат намалување на издвојувањата за земјоделството и за помалку развиените региони.
Токму земјоделските субвенции и регионалниот развој традиционално зафаќаат околу две третини од расходите на буџетот на ЕУ, што ги прави едни од најчувствителните точки во преговорите меѓу членките.
Според „Фајненшл тајмс“, ставот на шесте земји ги одразува пошироките несогласувања во ЕУ околу тоа каде треба да се насочат европските средства во следниот буџетски период. Во фокусот се зголемените потреби за одбрана, но и поддршката за европските индустрии кои се соочуваат со конкуренција од Кина и САД.
Германија, Холандија, Шведска, Данска, Австрија и Финска заедно обезбедуваат околу 40 проценти од приходите во буџетот на ЕУ.
Ирска, која во моментов претседава со Унијата, треба до средината на октомври да подготви компромисен предлог. Целта е да се усогласат барањата на најголемите нето-донатори со ставот на земјите кои инсистираат на зачувување на средствата за земјоделството и регионалниот развој.
За усвојување на повеќегодишната финансиска рамка е потребна согласност од сите 27 земји-членки на Европската Унија, што значи дека секоја членка има можност да го блокира договорот.