Вознемирувачка објава на социјалните мрежи предизвика реакции во јавноста, откако граѓанка сподели искуство од гробиштата во Гробишта Бутел, опишувајќи несоодветен третман на човечки останки.
Амела Мемиш Апостоловска на својот Фејсбук профил наведува дека на вториот ден од Велигден, додека била на гробот на својот татко заедно со своите деца, наишле на бела вреќа оставена на самата патека. Според нејзиното сведоштво, детето се сопнало од вреќата, по што таа и нејзината ќерка се обиделе да ја тргнат, мислејќи дека станува збор за отпад или градежен материјал.
„Во моментот кога се доближивме, сфативме што има внатре – човечки коски. Останки од нечие тело, обележани само со број, без име и без достоинство“, пишува таа во објавата.
Таа дополнително наведува дека во непосредна близина забележале и свежо прекопан гроб без обележје, со оштетени делови, што, според неа, укажува на постапка на ексхумација по истек на законскиот рок за одржување на гробното место.
Апостоловска нагласува дека и во случаи кога се врши ексхумација, законите предвидуваат достоинствен третман и соодветно складирање на посмртните останки, а не нивно оставање на отворен простор, достапен за посетителите.
Во својата објава, таа поставува прашања до АД Бутел, барајќи објаснување за начинот на постапување, како и одговорност за ваквите ситуации.
„Ова не е само лична болка, туку прашање на човечност. Мртвите заслужуваат достоинство“, наведува таа.
Засега нема официјална реакција од надлежните институции за наводите изнесени во објавата.
