Обилните дождови што неодамна го зафатија Перу предизвикаа штета на инфраструктурата во вредност од најмалку 323 милиони долари, изјави синоќа министерот за економија Алекс Контрерас, цитиран од Ројтерс.
Дождовите што го следеа силниот циклон Јаку предизвикаа поплави во населени места, уништувајќи стотици домови, училишта и патишта, главно долж централниот и северниот брег на јужноамериканската земја.
По поплавите, властите преместија илјадници погодени и почнаа да работат на обнова на оштетените патишта и друга инфраструктура. Финансиската помош за малите бизниси погодени од невремето е исто така приоритет, изјави за медиумите министерот за економија Алекс Контрерас по излегувањето од Националната палата.
Контрерас ја истакна важноста од мобилизирање ресурси што е можно поскоро, бидејќи временските услови поврзани со Ел Нињо може да ја продолжат сезоната на дождови во Перу.
Штетата предизвикана од циклонот Јаку е уште една криза во Перу. Земјата е зафатена од тензични и понекогаш насилни антивладини протести откако Конгресот го собори поранешниот претседател Педро Кастиљо во декември. Претходно овој месец, владата на неговата наследничка Дина Болварте прогласи вонредна состојба во 400 области во земјата за да ги ублажи последиците од интензивните дождови.
Најмалку 60 луѓе загинаа во Перу од почетокот на сезоната на дождови кон крајот на минатата година, според Институтот за цивилна заштита (INDECI).