Што навистина нè разладува летно време?

Летно време инстинктивно посегнуваме по ладни напитоци и сладоледи, но науката и практиката покажуваат дека не сè што е ладно и освежувачко навистина не разладува. Некои намирници и пијалаци, парадоксално, можат уште повеќе да нè загреат. Ви пренесуваме преглед на тоа што навистина му помага на телото да се разлади, а што е само илузија на освежување.

Мит: Колку е поладно, толку подобро

Вистина е дека голтка ладна вода носи моментално олеснување, но ефектот е краткотраен. Телото брзо реагира на нагла студеност така што ги активира механизмите за загревање – со ширење на крвните садови и зголемена циркулација. Долгорочно, прекумерна консумација на многу ладни пијалаци може дополнително да го оптовари организмот, особено дигестивниот систем.

Топлите напитоци всушност можат да го разладат телото

Звучи нелогично, но не е така. Во жешките краишта како Индија или Блискиот Исток, консумацијата на топол чај летно време е вековна пракса – и тоа со причина. Топлиот напиток го поттикнува потењето, кое е природен механизам на телото за ладење. Кога потта ќе испари од кожата, телесната температура се намалува. Клучот е во количината – мала количина топол напиток може да биде поефикасна од литар ладна вода.

Намирници што загреваат, а не би очекувале

Масната храна и црвеното месо бараат повеќе енергија за варење, со што телото се загрева одвнатре. Силно разладените алкохолни пијалаци можат да создадат чувство на ладење, но алкохолот ги шири крвните садови и всушност го зголемува чувството на топлина, а газираните пијалаци често содржат високо ниво на шеќер кој го поттикнува метаболизмот – што пак создава топлина.

Што навистина нè разладува?

Намирници богати со вода како лубеница, краставици, домати и целер најдобро нè разладуваат и хидрираат, а истото важи и за билни чаеви на собна температура. На пример, ментата има природен ефект на разладување.

Јогуртот и кефирот, како ферментирани млечни производи, исто така имаат разладувачко дејство и притоа ја помагаат дигестијата без да го оптоварат организмот. За крај – иако можеби звучи нелогично – луто јадење во умерени количини има ефект на разладување. Имено, чили пиперките содржат капсаицин, супстанца која го поттикнува потењето, а со тоа и ладењето на телото.