За разлика од вчера, денеска имаше и официјална покана од Собранието за одржување на седницата за избор на Претседател на Парламентот. Први стигнаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа, меѓу првите беше и пратеникот Изет Меџити.
Меџити беше прашан за тоа дали има поделби во ДУИ, а тој рече дека ДУИ е демократска партија.
„Талат Џафери е потребниот човек, тој е најуспешниот претседател на законодавниот дом, човек кој ги скрши табуата дека Албанец не само што може да биде претседател на Собранието туку може да биде и најуспешниот“, рече Меџити.
ТВ21: Како ги коментирате гласините во јавноста?
„ДУИ е партија со традиција, демократска партија каде се дебатира и на крајот имаме едногласен став.“, вели Меџити.
За разлика од вчера, денеска посмирен беше и Арбен Зибери, кој што вчера за малку не го оштети автомобилот при излегувањето од Собрание.
Го прашавме зошто вчера беше нервозен, но Зибери негираше такво нешто.
„Не, тоа не е вистина, се случи мал инцидент кај излезот, немаше некое несогласување. ДУИ е демократска партија и има дебати, многу е нормално. Има усогласени ставови и ние продолжуваме напред бидејќи ја добивме довербата на народот за да ги спроведеме процесите во иднина.“, вели Зибери.
Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, не сакаше да коментира за новиот парламентарен состав. Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, пред да влезе во Собрание рече дека Џафери ќе биде запаметен како претседател на законодавниот дом кој го амнестираше Трајко Вељановски.
„Ќе биде запаметен како претседател кој амнестираше криминалец како Трајко Вељановски.“, изјави Зекири.
Во Собрание денеска дојдоа и пратениците на Алтернатива и Движење Беса. И денеска по потпишувањето на присуство, кај вратата на сите пратеници им се мереше телесната температура.
.
