Свет

Швајцарија со референдум против месото: Како принудителното вегетаријанство ги подели граѓаните

Швајцарија со референдум против месото: Како принудителното вегетаријанство ги подели граѓаните

„Мојата храна е мој избор. Не за принудителното веганство“ – вакви плакати се забележуваат на многу места низ Швајцарија. Пораките се насочени кон Франциска Херен, активистка и основачка на „Иницијативата за храната“, за која Швајцарците ќе гласаат на 27 септември. Целта на иницијативата е да се зголеми домашното производство и да се стави поголем акцент на растителната исхрана на сметка на производите од животинско потекло, известува Дојче Веле.

Во моментов швајцарското земјоделство обезбедува малку помалку од половина од вкупните потреби на земјата за храна, а остатокот се увезува. За споредба, Германија самостојно произведува околу 80 отсто од храната што ѝ е потребна. Иницијативата за храната има за цел во наредната деценија домашното учество да се зголеми на 70 отсто, со што земјата би станала помалку зависна од увоз.

Херен, мајка на две возрасни деца, поранешна тренерка за физичка кондиција и еколошка активистка, е веганка, но ги отфрла обвинувањата дека со иницијативата сака да ги натера и другите да станат вегани. „Моите деца јадат месо“, изјави таа за германскиот јавен сервис АРД. Според неа, проблемот во Швајцарија е во размерите: 75 отсто од земјоделските субвенции одат за сточарството, а се произведува премалку растителна храна.

Таа и нејзините поддржувачи бараат поефикасно земјоделство: пасиштата да се користат за производство на месо, а обработливите површини, каде што сега се сее пченка за добиточна храна, да се пренаменат за повеќе мешунки и житарки, како и за зеленчук. „Така ќе можеме да произведуваме и до десет пати повеќе калории за населението“, велат од иницијативниот одбор.

Швајцарската влада, Федералниот совет и парламентот – ретко вака усогласени – ја отфрлаат иницијативата. Тие аргументираат дека идејата не е целосно погрешна во основа, но оди предалеку, бидејќи се меша во исхраната на граѓаните и во економската слобода на земјоделските производители.

Мартин Руфер од Швајцарскиот сојуз на земјоделците потсетува дека Швајцарија е пред сè планинска земја. „Седумдесет отсто од површините што се користат за земјоделство се пасишта и зелени површини. Тие можат да се користат исклучиво за сточарство“, вели тој. „Тоа само по себе покажува дека мора да одржуваме силно развиено сточарство“, додава Руфер, цитиран од АРД.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни