Една превртена столица и откачена лајсна. Вака изгледаше денеска салата на МНТ. Според премиерот Заев ова претставува вандалски чин. Директорката на театарот, Симона Спировска, која ја побаравме десет пати но не ни одговори за обвиненијата кои ги напиша на социјалните мрежи. Таа на фејсбук не прецизираше јасно како е превртена оваа столица што се гледаше во салата, туку вината им ја префрли на политичките партии и навивачката група Шверцери.
„Дајте тој англискиот закон! Па тој навијач што ќе помисли да прави глупост, да оди во затвор за да може да размисли околу таа своја потреба. Ајде Мамата више. Кој стигна си направи собир во театар! Да се забрани! Ни партиски собири, ни шверцерски, ништо! Многу лошо, многу…“, вели директорката на МНТ.
Шверцери во петокот прославија 30 години од формирање на група. Ова предизвика многу реакции и обвинувања кон нив дека наводно тие предизвикале материјални штети и дивееле во театарот.
Шверцерите наведуваат време и датум, кога излегле од салата на театарот велејќи дека не оставиле зад себе никаков неред. Тие негираат дека предизвикале штета и велат дека некој се обидува да ги жигоса.
„Ние сме навивачи и навивањето а нашиот живот , нема друг начин на навивање од скандирање и пеење песни, тоа и го направивме таа вечер, без никакво дивеење , кршење, со ниту еден навредлив збор а камо ли говор на омраза. Направивме се да бидеме добри гости на и нашиот театар. Ги пеевме нашите навивачки песни и ги скандиравме имињата на личностите кои добија признаници , како го скандиравме името на нашиот Неџмедин Мемеди така го скандиравме и името на Ѓоре Јовановски , на Арѓенд Беќири и Гого Јовчев и на сите други“, велат од навивачката група Шверцери.
Од Министерството за култура велат дека биле известени за два настани дека ќе се одржат во петокот но не и за присуството на навивачите. Но ниту од оваа министерство не наведуваат дека штетата ја предизвикале токму шверцерите.
„Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување два настана, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група“, велат од министерството за култура.
Од МНТ бараат да се санира штетата. Од таму велат дека не биле информирани за учеството на навивачката група Шверцери туку дека ќе се емитувал документарен филм. Од МВР велат дека утрово во 9.30 часот имало пријава за штета во театарската сала.
Нашата камера регистрираше штета и надвор од салата. На вториот кат од театарот, имаше една дупка, која според изгледот се чини е предизвикана од прокиснување. Друга штета видовме на ѕидот но и тоа изгледаше како последица од прокиснување од дожд. Ниту за овие штети, не одговорија од Управата на Театарот.