Унгарија побара од Европската унија итно да ја укине забраната за руски добавувачи на гориво. Ова беше соопштено по седницата на Националниот совет за одбрана и енергетска безбедност, што го свика премиерот Виктор Орбан поради нафтената криза на Блискиот Исток и блокадата на нафтоводот „Дружба“ од страна на Украина.
Петер Сијарто, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Маѓарија, истакна дека целта на барањето е да се спречи драстично поскапување на горивата во Европа.
„Ако Брисел не ја укине веднаш забраната за увоз и санкциите за руска нафта и гас, тоа ќе предизвика сериозен економски удар врз европската економија, бидејќи цените на енергијата ќе пораснат, а со тоа ќе се зголемат и сите други трошоци. Доколку Брисел не дозволи враќање на руските снабдувачи на европското пазар, се ризикува драматично покачување на цените на горивата во Европа. Поради интересите на граѓаните и економијата, Брисел треба без идеолошки ограничувања да преземе итни мерки за да спречи огромно покачување на цените“, рече Сијарто.
Премиерот Орбан додаде дека во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара обуставување на сите санкции за руски енергетски производи, за да се спречи растот на цените на суровата нафта во Маѓарија и во ЕУ.
Според него, украинската блокада на нафтата и конфликтот на Блискиот Исток предизвикуваат нагло покачување на цените на нафтата, што претставува сериозна закана за Маѓарија и за Европската унија, пренесува „Маѓар Немзет“.
Орбан во видео објавено на својата Фејсбук страница информираше дека свикал и владина седница подоцна истиот ден со цел да се спречи раст на цените на дизелот и бензинот до неподносливи нивоа.
