Македонија

Сиљановска-Давкова додели „Инженерски прстен“ на најуспешните 14 млади инженери

Сиљановска-Давкова додели „Инженерски прстен“ на најуспешните 14 млади инженери

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, денеска им го врачи признанието „Инженерски прстен“ за 2026 година на 14 најдобри дипломирани инженери, на церемонија пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид.

Годинашните добитници на признанието „Инженерски прстен“ се:

  • Марта Митева од Архитектонскиот факултет, УКИМ;
  • Арбана Касами од Факултетот за применети науки (насока архитектура), Универзитет во Тетово;
  • Антонио Томески од Градежниот факултет, УКИМ;
  • Јане Коцески од Машинскиот факултет, УКИМ;
  • Мила Саздова од Технолошко-металуршкиот факултет, УКИМ;
  • Огнен Пендаровски од Факултетот за електротехника и информациски технологии, УКИМ;
  • Марија Симоновска од Факултетот за земјоделски науки и храна, УКИМ;
  • Никола Петровски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, УКИМ;
  • Михаил Трајков од Природно-математичкиот факултет, УКИМ;
  • Мила Чолакоска од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, УКИМ;
  • Стефана Димитриеска од Техничкиот факултет, УКЛО;
  • Симеон Наловски од Факултетот за информатички и компјутерски технологии, УКЛО;
  • Стефан Спасов од Факултетот за природни и технички науки, УГД;
  • Тамара Атанасова од Факултетот за информатика, УГД.

За претседателката, „Инженерскиот прстен“ е потврда дека умот, трудот, стручноста и професионалноста, не само што се препознаваат, гледаат и ценат, туку и се наградуваат и слават.

За неа, најдобрите и најуспешните студенти во инженерските науки не персонифицираат само исклучителен индивидуален, академски успех, туку се непроценлив социјален капитал на државата.

„Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги идентификуваме и навреме и соодветно да ги вреднуваме и да им овозможиме својот професионален потенцијал да го реализираат дома, се детерминирани нашата технолошка конкурентност и компетитивност, како и економскиот капацитет и развој, на државата“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа укажа дека сме изнедриле и расеале низ светот многу генерации талентирани инженери со докажано знаење, професионален интегритет и дигнитет и со креативен потенцијал за технолошки натпревар.

Според неа, од нашата решеност и способност да ги задржиме најдобрите, зависи македонската иднина.

„Инженерски прстен“ се доделува по 23. пат, а со ова признание се закитиле вкупно 257 инженери.

Покрај претседателката, на настанот се обратија: д-р Андреј Лепавцов, Претседател на Инженерската институција на Македонија, м-р Дејан Метикош, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија и Стефан Спасов, кој говореше во името на добитниците.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска- Давкова.

Во својство на привилегирана покровителка, со особено задоволство и со голема чест ја поддржувам манифестацијата „Инженерски прстен“, којашто веќе две децении ги афирмира знаењето и извонредноста во инженерската професија.

Признанието коешто им се доделува на најуспешните дипломирани инженери е скромна потврда дека умот, трудот, стручноста и професионалноста, не само што се препознаваат, гледаат и ценат, туку и се наградуваат и се слават преку доделувањето највисоко општествено признание.

Неспорно е дека од генијалните пронајдоци на Леонардо да Винчи, преку сè уште нереализираните изуми на Никола Тесла, до денес, инженерскиот неуморен, немирен, бунтовен и креативен ум е еден од најсилните цивилизациски творци и двигатели. Впрочем, најголемите историски пресврти и општествени скокови не се врзани само за нови научни сознанија, туку и за способноста и подготвеноста за нивно преточување во конкретни решенија со коишто темелно и трајно се менува начинот на живот, производство и комуникација. Значи, преку инженерството, научната мисла добива апликативна општествена верификација и релевантност.

Мора да станеме свесни дека во време кога знаењето е најзначаен развоен ресурс, а не профитот, од односот на одговорните и на најповиканите кон нив најучените, најталентираните и најкомпетентните млади луѓе зависи просперитетот на нашата држава. Најдобрите и најуспешните студенти во инженерските науки не персонифицираат само исклучителен индивидуален, личен академски успех, туку се непроценлив социјален капитал на државата.

Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги препознаеме и да ги идентификуваме, но и навреме да ги вреднуваме, овозможувајќи им, својот професионален потенцијал да го реализираат тука, дома, а не само љубов да им изразуваме, зависат и се детерминирани нашата технолошка конкурентност и компетитивност, но и економскиот капацитет и развој, т.е. економскиот прогрес на државата.

Инженерството најдобро вирее, најбрзо се развива и вродува со плод во средини што ем сакаат, ем решиле, ем знаат како да ги почитуваат знаењето и стручноста. Затоа, создавањето услови младите инженери својот ум, талент, желба и креативен потенцијал да ги реализираат во татковината во којашто не случајно се родиле, претставува стратегиска цел и определба, од која се детерминирани нејзиниот развој и нејзиниот опстанок.

Во остварувањето на таа цел, македонската инженерска фела и вокација имаат особено важна улога. Со својата посветена долгогодишна работа, со континуираниот ангажман во доделувањето на „Инженерски прстен“ и со издавањето на списанието „Инженерство“, таа придонесува за афирмација на инженерската професија, за поттикнување на научната и стручна мисла и за поврзување на академската заедница со инженерската практика, во функција на технолошкиот развој.

Верувам дека сме изнедриле и сме расеале низ светот генерации млади талентирани инженери со исклучително знаење, љубопитност, професионален интегритет, дигнитет и креативен потенцијал за натпревар во националната, регионалната, европската и светската технолошка и научна заедница. Наша обврска е да создаваме и да негуваме пријателски амбиент во којшто тие ќе можат својата стручност и својот потенцијал да ги манифестираат и продуктивно да ги вложат во развојот на државата.

Способноста да ги задржиме најдобрите и да им овозможиме својата иднина да ја градат дома е суштинско прашање, од чиј брз и точен одговор ќе зависат економската конкурентност и долгорочниот развој на македонската држава. Запомнете, пред хамлетовска дилема сме: Да нé биде или не?! Со нив ќе нé биде, без нив – прашање е.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни