Македонија

Кривична пријава за даночно затајување, лихварство и перење пари во Струмица

Кривична пријава за даночно затајување, лихварство и перење пари во Струмица

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против едно правно и две физички лица, поради сомневање за повеќе кривични дела поврзани со даночни обврски, позајмување пари со несразмерна камата и прикривање на потеклото на парични средства.

Според пријавата, правното лице се товари за даночно затајување, додека одговорното лице во компанијата е пријавено за истото кривично дело. Третопријавениот, кој според МВР имал директна или индиректна управувачка и контролна улога во фирмата, се сомничи за даночно затајување, лихварство и перење пари и други приноси од казниво дело.

Во текот на истрагата, како што информира полицијата, било утврдено дека во 2025 година била прикажана помала даночна основа за данок на добивка во износ од 13.981.844 денари. На тој износ, според пријавата, не бил пресметан и уплатен данок од 1.398.184 денари.

Дополнително, биле утврдени и неплатени обврски за данок на личен доход во износ од 563.989 денари. Со овие дејствија, според сомнежите на полицијата, била предизвикана вкупна штета на државниот буџет од 1.962.173 денари.

Третопријавениот, пак, според пријавата, давал позајмици на физички и правни лица со договорена несразмерна имотна корист. Во еден од случаите, за позајмица од околу 200.000 евра, наводно барал по 2.500 евра месечно, при што, според МВР, користел извршител за блокирање и присилна наплата од сметките на должникот.

Полицијата дополнително го поврзува истиот пријавен со случај на внесување голема сума готовина во легалните финансиски текови. На 31 мај 2018 година, во филијала на деловна банка во Струмица, тој наводно уплатил 500.000 евра во готово, за кои не можел да докаже потекло.

Според пријавата, парите потоа биле користени во различни финансиски активности, меѓу кои орочување на депозити, давање позајмици, плаќање комуналии поврзани со изградба на објекти и склучување купопродажни договори.

Дополнителна сума пари била пронајдена при претрес во неговиот дом во април 2026 година. Тогаш биле одземени 597.500 евра, за кои, според МВР, постојат сомневања дека потекнуваат од казниво дело.

Како доказ за потеклото на парите, пријавениот пред органите на прогонот ги приложил документите за уплатата на 500.000 евра од 2018 година, како и наводи за дополнителна семејна заштеда.

Сепак, од дополнителните проверки и анализи, според полицијата, било утврдено дека приходите на третопријавениот и членовите на неговото потесно семејство не биле доволни за да се акумулираат износите што биле предмет на проверка.

Од СВР Струмица случајот го доставиле до надлежното обвинителство, кое треба да ги преземе понатамошните постапки. Кривичната пријава содржи сомневања за сторени кривични дела, а конечната одговорност ја утврдува судот во соодветна постапка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни