Свет

Синдром на ненадејна смрт: Постои нешто сомнително и мистериозно во начинот на кој умира оваа група луѓе

Синдром на ненадејна смрт: Постои нешто сомнително и мистериозно во начинот на кој умира оваа група луѓе

Руските медиуми никогаш не истражувале што се крие зад големиот број смртни случаи на влијателни луѓе, а официјална Москва само изразувала сочувство и ги игнорирала прашањата од западните медиуми.

Многу припадници на руската елита починаа на сомнителен и таинствен начин од почетокот на руската инвазија на Украина. Аналитичарите велат дека причините за тоа се комплексни, но и типични за руската висока политика.

Иако поради затвореноста на Русија нема прецизен и веродостоен број, според западните агенции и руски активисти, повеќе од 75 важни личности од политички, воени и бизнис кругови починале во сомнителни или неразјаснети околности од февруари 2022 до јули 2025 година.

Во оваа бројка се вклучени олигарси, политичари, воени функционери и лица поврзани со државните структури.

Официјална Москва нивните загинувања ги нарекувала самоубиства, паѓања од прозорци, случајни труења, срцеви удари или насилни смртни случаи во семејни трагедии.

Последен таков случај е смртта на Роман Старовојт.

Неговото тело било пронајдено во московската област Одинцово, каде што живеат многу членови на руската елита. Руските медиуми известија дека извршил самоубиство во парк, со пиштол кој му бил подарен од претседателот Путин.

Старовојт од мај 2024 година бил министер за сообраќај, а претходно бил гувернер на Курската област, која беше нападната од украинските сили во август 2024 година.

Воениот успех на Киев во таа област беше понижување за Русија. Старовојт бил сменет од министерската функција непосредно пред самоубиството.

Паѓања од прозорци, давења во кади и базени

Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа два месеца по почетокот на бунтот против претседателот Путин со неговата платеничка војска Вагнер.

Тој и неговите луѓе одиграа клучна улога во првата година од војната во Украина, но кога го искажаа незадоволството од водењето на војната и тргнаа во поход кон Москва, стана јасно дека нема долго да опстојат. Денес ги нема ниту него, ниту неговата група.

Една од ретките компании во Русија што на почетокот срамежливо се изјасни против инвазијата беше Лукоил. Претседателот на таа енергетска компанија, Равил Маганов, почина по наводен пад од прозорец во болница во Москва.

Со пад од прозорец починале и олигархот Павел Антов и Марина Јанкина, финансиска директорка на западниот воен округ.

Самоубиство со бесење извршиле Сергеј Протосења, поранешен извршен директор на Новатек, високиот менаџер во Гаспром Александар Тјуљаков и полковникот Роман Малик, задолжен за мобилизација.

Низата продолжува со гушења во кади, давења во базени, падови по скали, а најчесто наведуваната причина за смрт е срцев удар.

Руските медиуми никогаш не истражувале што се крие зад овие смртни случаи, а официјална Москва само би изразила сочувство и ги игнорирала прашањата од западните медиуми.

Атмосфера на страв

Руските професори и аналитичари кои пребегнале на Запад најчесто се плашат јавно да коментираат за овие смртни случаи.

Но, тие навестуваат дека станува збор за сложени борби за моќ, контрола врз ресурси и брзо отстранување на потенцијални закани за режимот.

Сето тоа создава дополнителна атмосфера на страв и несигурност во рамките на елитата, што ја зацврстува авторитарната контрола и ги обесхрабрува да се спротивстават на режимот.

Во таа насока зборува и професорот Џефри Винтерс, политиколог од Универзитетот Илиноис и автор на книгата „Олигарси“, кој вели дека е речиси невозможно некој богат човек во Русија да биде убиен без одобрение од државата.

„Тие се милијардери со телохранители, најдобра медицинска грижа, приватни возачи и сè што може да се купи за заштита“, рече тој.

„Не тврдам директно, но логично е дека ги отстранува истата рака што им овозможила да станат богати, влијателни или политички моќни.“

Нелојалноста значи смрт

Украина ги користи сите овие сомнителни смртни случаи како предупредување за безмилосноста на рускиот режим и објаснување за Западот против што навистина се борат Украинците.

Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак изјави дека во Русија, „нелојалноста значи смрт“.

Поранешната советничка на Белата куќа за Русија и експертка за Кремљ, Фиона Хил, изјави дека не треба сите смртни случаи да се ставаат под ист знаменател или да се впуштаме во теории на заговор, но не треба ни да нè чуди што еден недемократски режим не функционира на демократски начин.

Во интервју за „Гардијан“ таа истакна дека тоа е само еден сегмент од војната на Русија против Западот, која веќе одамна трае.

„Русија се зацврсти како противник на начини кои не ги предвидовме целосно“, рече таа. Труења, атентати, сајбер напади, саботажи и закани по инфраструктурата се дел од истата тактика.

„Синдромот на ненадејна смрт на влијателни Руси“, како што BBC го нарече овој феномен, не започна со инвазијата на Украина.

И пред нападот на Украина, најмалку 38 смртни случаи на бизнисмени кои биле блиски до Кремљ се објаснети како несреќни или мистериозни.

Најпознат е случајот на олигархот Борис Березовски, кој изврши самоубиство во својот дом близу Лондон.

Британските истражители рекоа дека немаат докази за насилна смрт, но многумина не веруваа во тоа објаснување – исто како што и денес малкумина веруваат дека богатите и влијателни Руси се толку невнимателни или психички лабилни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни