Македонија

Системот за електронски алки во функција: Десет осуденици казната ја издржуваат дома со електронска алка

Системот за електронски алки во функција: Десет осуденици казната ја издржуваат дома со електронска алка

Електронскиот надзор сè почесто се применува како алтернатива на издржувањето затворска казна, а во моментов 10 осуденици во земјава ја издржуваат казната во домашни услови со електронска алка.

Од Управата за извршување на санкциите информираат дека започнало спроведувањето на десеттата судска одлука со која се применува системот за електронски надзор.

Според нив, досега се донесени четири пресуди за куќен затвор – една од Основниот суд Велес и три од Основниот суд Прилеп. Дополнително, шест решенија за замена на затворската казна со куќен затвор се донесени од основните судови во Струга, Охрид и Кичево.

Осудениците кои ја издржуваат казната на овој начин не смеат да го напуштат својот дом, а нивното движење постојано се следи преку електронска опрема.

Од Управата посочуваат дека системот е во примена од крајот на минатата година и дека секое евентуално прекршување на правилата веднаш се евидентира.

„Во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и определените ограничувања, пробациските службеници ќе го известат судот согласно Законот за пробација“, наведуваат од Управата.

Оттаму додаваат дека месно надлежните пробациски канцеларии се во постојана координација со останатите институции, додека Одделението за електронски надзор непрекинато, 24 часа дневно, го следи извршувањето на мерките.

Од Управата за извршување на санкциите истакнуваат дека остануваат посветени на понатамошниот развој и унапредување на пробацискиот систем во државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни