Македонија

Сите славеа, но од бројките незадоволни – партиите пишуваат приговори

Партиите ги пишуваат приговорите за изборите кои треба да бидат доставени до Државната изборна комисија, а кај голем дел од нив сомнежот за точноста на пребројаните гласови се појави откако беше хакиран компјутерскиот систем на ДИК.  Неофицијално дознаваме дека правниот тим на СДСМ веќе работи на нивните приговори кои ќе се однесуваат на резултатите.

„Правниот комитет на партијата се уште прави анализи за поднесувањето приговори на резултатите. Аналитичкиот центар ги разгледува податоците од пребројаните гласови кои како партија ги имаме со оние кои ги објави Државната изборна комисија, но ќе поднесе приговори на избирачки места каде се утврди дека има погрешно броење на гласовите, но единствено доколку се утврди дека тоа ќе влијае на резултатот“, велат од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера рече дека партиската правна комисија работи на приговорите кои ќе ги достават до ДИК. Партискиот портпарол Димче Арсовски најави дека ќе бараат пребројување на гласовите.

„Државната изборна комисија има обврска да ги испита сите сомнежи за неправилности и фалсификувања на изборите односно волјата на граѓаните“, истакна Димче Арсовски.

„Затоа ние ќе побараме како политичка партија рачно пребројување на гласачките ливчиња“, додаде Арсовски.

Од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива  најавија дека од Државната изборна комисија ќе бараат преиспитување на изборните резултати.

„Правниот сектор се занимава со ова прашање. И денеска и утре ќе поднесеме претставки за изборните единици за кои сметаме дека е направен прекршок. Во однос на изборниот процес мислиме дека беше како убаво јаболко од надвор а труло од внатре, бидејќи на овие избори Албанците беа доста уценувани, под закани, поткупувани“, посочи Скендер Реџепи.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев рече дека партијата е оштетена за околу 10 илјади гласови и дека им се украдени најмалку тројца пратеници.

„Нашите тимови веќе работат и ги подготвуваме приговорите. Тие најмногу се однесуваат за Втората и за Четвртата изборна единица“, посочи Димитар Апасиев.

Од Државната изборна комисија информираат дека досега се поднесени два приговори тоа од партијата Демократи на Јорго Огненовски. Рокот за приговори за постапката на гласање завршува вечерва во 21 часот, а до утре до 19 часот и 30 минути партиите ќе можат да приговараат за резултатите на изборите, односно нивното пребројување.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни