СЈО: Мијалков сакаше да бега, одложено рочиштето за „Тврдина-Таргет“

Екс шефот на УБК, Сашо Мијалков утрово не излезе од затворот Шутка и поради тоа е откажано рочиштето за случајот „ Тврдина-Таргет “.  Од Казнено поправната установа за ТВ21 велат дека судот воопшто не побарал спроведување на Мијалков. Неколку припадници на единицата „Алфи“ синоќа околу 19:30 часот го приведоа и спроведоа во затворот „Шутка“, откако претходно на барање на СЈО, кривичниот суд му одреди 30 дневен притвор.

Ова е хотелот во кој екс шефот на УБК, Сашо Мијалков синоќа беше уапсен од полицијата, бидејќи адресата на која фигурира беше токму на оваа адреса.

Се вчитува...

По одложувањето на рочиштето, специјалните обвинители не сакаа да коментираат зошто ваква мерка за 30 дневен притвор не била изречена навреме и за екс премиерот Груевски.

Во одговорот на СЈО, не беше наведено каков доказ поседуваат за можното бегство на Мијалков.

„Мерката притвор за обвинетиот во случајот Тврдина, Сашо Мијалков, е побарана поради постоење опасност од бегство.“, велат од СЈО.

Од СЈО истакнуваат  дека сега за сега нема да бараат мерка притвор за Мијалков и за другите предмети, како “Империја“, “Титаник 2“, “Тортура“ и “Трезор“.

Во предметот „ Тврдина-Таргет “, братучедот на Груевски е меѓу обвинетите за незаконски прислушуваните разговори, заедно со екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој исто така не беше донесен во судот, а кој веќе една недела е во притвор. На рочиштето дојде обвинетата Гордана Јанкуловска за која сега за сега е одредена само мерка за претпазливост.

Адвокатот на Мијалков, Антонио Апостолски рече дека поднел жалба против судската одлука, во која според него, не се наведени доказите и причините за мерката притвор.

Во предметот „ Тврдина-Таргет “, во отсуство им се суди на Горан Грујовски и Никола Бошковски, кои избегаа во Грција. Следното рочиште ќе се одржи на 4 декември, кога се очекува Мијалков да биде доведен со лисици на рацете. Минатата недела бранејќи се од слобода, тој ги нарече тенденциозни прашањата на новинарите дали ќе се даде во бегство и дали учествувал во планирањето на бегството на Груевски.

Репортер: Аднан Ќаили

Извор: ТВ21