СЈО за притворот на Јанакиески и Божиновски: Опасноста од бегство констатирана на 2 јули 2017

Специјалното јавно обвинителство се огласи со соопштение за притворот на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, определен во рамките на случајот „Титаник“, во кој освен нив обвинет е и екс премиерот Никола Груевски.

Како што велат од таму, опасноста од бегство на овие двајца е констатирана уште на 2 јули 2017 година кога им биле определени мерки на претпазливост, одземање на патните исправи за преминување на државната граница и дипломатските патни исправи, како и обврска истите да се јавуваат секој работен петок во судот.

Мерката притврот како што велат од СЈО е неопходна мерка за непречено водење на кривичната постапка и обезбедување нивно присуство. Притворот за Јанакиески и Божиновски е определен веднаш по бегството на Никола Груевски.

Наводно Јанакиески преку посредник барал амнестија од претседателот Ѓорге Иванов, а откако бил одбиен, според сознанијата се подготвувал за бегство. Токму притворот на Јанакиески и Божиновски ги скара кабинетот на Иванов и Кривичниот суд кои два дена се препукуваат со писмени соопштенија.

Извор: ТВ21