Свет

Скaндал во Конгресот: Милијардерот Леон Блек го напушти сослушувањето за Епштајн, експресно му беа издадени судски налози

Скaндал во Конгресот: Милијардерот Леон Блек го напушти сослушувањето за Епштајн, експресно му беа издадени судски налози

Aмериканскиот милијардер и познат инвеститор Леон Блек демонстративно го напушти сослушувањето пред конгресниот одбор кој ги истражува злоделата на покојниот сексуален престапник Џефри Епштајн. Како што пренесува Би-Би-Си (BBC), Блек, чие име претходно се појави во судските списи за случајот Епштајн, првично се согласи да сведочи доброволно, но си заминал во моментот кога конгресмените почнале да го испрашуваат за неговите договори за тајност (NDA).

Веднаш по овој инцидент, Надзорниот одбор на Претставничкиот дом издаде два итни судски налози со кои од Блек се бара веднаш да ги предаде сите договори за тајност, како и јавно да сведочи под заклетва пред камери.

„Сакаме да знаеме дали Џефри Епштајн бил вклучен во овие договори? Дали учествувал во нивното составување и дали бил вклучен во исплатата на парични средства на жени за тие да ги потпишат договорите? Сакаме да знаеме сè за нив“, изјави републиканскиот претседател на одборот, Џејмс Комер.

Блек: „Му платив 158 милиони долари, но го познавав само неговото добро лице“

За време на своето кратко појавување пред одборот, Блек признал дека во текот на нивната долгогодишна соработка на Епштајн му исплатил вртоглави 158 милиони долари. Оваа сума претходно беше предмет на посебна истрага во Сенатот, поради сомневања дека милијардерот намерно го преплатувал Епштајн за да прикрие приватни исплати под маската на легални финансиски и даночни услуги.

Адвокатите на Блек се повикуваат на интерна истрага во неговата поранешна компанија „Apollo Global Management“ (од која тој се повлече во 2021 година под притисок на јавноста), која заклучила дека парите биле наменети за легални даночни совети.

Во својата уводна изјава, до која дојде BBC, Блек тврди дека бил измамен од озлогласениот финансисер:

„Го познавав Џекил, а не Хајд. Гледајќи наназад, сега знам, како и целиот свет, дека Епштајн бил вмешан во ужасни и гнасни активности. Ужасно ми е жал за неговите жртви, но сакам да појаснам дека немав поим за тие одвратни работи сè додека тој не беше обвинет за трговија со луѓе во јули 2019 година.“

Блек категорично негираше дека некогаш злоставувал жена, дека бил со малолетничка, дека учествувал во трговија со луѓе за сексуална експлоатација или дека Епштајн на кој било начин го уценувал.

Епштајн нудел полициски притисок врз поранешна руска манекенка?

Сепак, судските списи откриваат и друга, помрачна страна. Блек имал шестгодишна афера со поранешната руска манекенка Гузел Ганиева, која подоцна заврши со обвинувања за злоставување. Во тужбата на Ганиева (која подоцна беше отфрлена од судот поради потпишаниот договор за доверливост и примените 9 милиони долари во изминатите години), се наведува дека Блек во 2015 година составил договор за тајност за да го обезбеди нејзиното молчење.

Документите објавени од американското Министерство за правда откриваат дека Епштајн директно го советувал Блек за овој случај. Во електронска порака до асистентката на Блек, Епштајн предложил да се ангажираат поранешни полициски функционери од „Скотланд Јард“ или имиграциските служби кои „би можеле да тропнат на нејзината врата и да ги претстават условите за молчење“.

Политички трик или бегство од вистината?

Реакциите по напуштањето на сослушувањето ги покажаа длабоките поделби помеѓу правниот тим на милијардерот и конгресмените:

  • Адвокатите на Блек: Неговата адвокатка Сузан Естрих ги нарече судските налози „планиран политички трик“ и додаде дека Епштајн немал никаква врска со договорите за тајност на нејзиниот клиент, а одборот воопшто не сакал да поставува прашања за легитимните деловни исплати.
  • Конгресната комисија: Водечкиот демократ во одборот, Роберт Гарсија, изјави дека Блек буквално „изјурил“ од сочењето кога бил притиснат со незгодни прашања. „Леон Блек имаше прилика да го направи вистинскиот чекор и да ни помогне да обезбедиме правда за жртвите. Наместо тоа, тој избега од собата. Доколку одбие соработка, тој ќе сноси кривична одговорност“, дециден е Гарсија.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни