Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) поведе дисциплинска постапка против ФК Шкендија поради сериозни пропусти во организацијата на натпреварот од 20. коло против Пелистер.
Според официјалниот извештај, натпреварот го одбележа хаотично однесување на домашната публика, која со монети, запалки и пластични шишиња ги гаѓала службените лица. Четвртиот судија бил директно погоден со запалка и пари, а во негова близина бил фрлен и остар предмет (скалпел).
Тензиите продолжиле и по завршувањето на средбата:
- Судиската четворка била нападната со предмети додека се повлекувала кон соблекувалните.
- Неовластено лице влегло на теренот, вербално ги нападнало судиите, а потоа ги следело во службените простории каде се обидело и физички да се пресмета со нив.
Покрај оваа постапка, Дисциплинската комисија изрече казни и за дел од стручните штабови во Првата лига. Тренерите Баже Илијоски (Македонија ЃП) и Дејан Лескароски (Струга Трим Лум) заработија суспензии од по два натпревари поради исклучувања на изминатите средби.
