Албанската влада донесе одлука за значително зголемување на минималната плата, која од јануари ќе изнесува 50.000 леки (околу 510 евра). Со овој потег, платата се зголемува за околу 100 евра во споредба со досегашниот износ, со што Тирана прави обид да се одлепи од дното на регионот по висината на примањата.
Оваа мерка директно ќе влијае на буџетот на стотици илјади семејства. Министерката за економија и иновации, Делина Ибрахимај, истакна дека од одлуката полза ќе имаат над 300 илјади граѓани.
„Од оваа одлука полза ќе имаат околу 307.850 вработени, регистрирани во јавниот и приватниот сектор. Мерката има за цел да го заштити животниот стандард, да го зајакне човечкиот капитал и да го подобри животот на илјадници албански семејства“, објави Ибрахимај.
Удар врз сивата економија
Властите во Тирана очекуваат дека зголемувањето на минималецот ќе има позитивен ефект и врз пазарот на труд. Според Ибрахимај, повисоката минимална плата треба да придонесе за:
- Намалување на неформалноста (сивата економија);
- Зајакнување на почитувањето на законските договори и правата на работниците.
Рама: Целта е минималец од 700 евра
Премиерот Еди Рама најави дека ова е само првиот чекор. Тој неодамна вети дека ова нема да биде единственото покачување во тековниот мандат на Владата. Според неговите проекции, крајната цел е минималната плата во Албанија да достигне ниво од 700 евра.
