Триесет и петгодишна жена од Скопје пријавила во полиција дека била измамена за околу 200.000 денари, откако телефонски ѝ било понудено каско осигурување за нејзиниот автомобил и ветена поголема парична премија.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје на 13 август во 13:30 часот.
Според пријавеното, во текот на јули годинава скопјанката телефонски била контактирана од жена која ѝ понудила каско осигурување за нејзиното патничко возило.
Притоа, како што навела во пријавата, ѝ било кажано дека за возврат ќе добие поголема сума, односно премија.
Скопјанката во неколку наврати уплатила вкупно околу 200.000 денари. Откако не добила активно каско осигурување, сфатила дека била измамена и случајот го пријавила во полиција.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.