Македонија

Скопјанка направи апликација за јавна уметност во Скопје

Скопјанка направи апликација за јавна уметност во Скопје

Скопјанката Изабела Левенска Миљаниќ создаде платформа што го претвора Скопје во музеј под отворено небо. Новата веб-апликација – Museum of Public Art – претставува дигитален водич низ јавната уметност на главниот град, со визија да се прошири и кон други градови во земјата и надвор од неа.

Проектот произлегува од лична иницијатива, љубов кон уметноста и чувство на одговорност кон јавниот простор. Со посветено истражување, самофинансирање и часови работа, авторката започнала да ја документира историјата на скулптурите, муралите и јавните уметнички дела, обединувајќи ги нивните приказни на едно место.

Важен дел од платформата се и QR-кодовите, кои се поставуваат до самите дела, овозможувајќи им на граѓаните и туристите да дознаат повеќе за уметноста токму додека стојат пред неа. Како во музеј – но овојпат на отворено.

„Верувам дека градот зборува преку уметноста, и таа комуницира со секого – без бариери. Целта ми е на едноставен и пристапен начин да ја доближам уметноста до сите, да поттикнам љубопитност, восхит и грижа за културното наследство што нѐ опкружува“, вели авторката на проектот.

Во време на дигитални технологии и вештачка интелигенција, таа верува дека дигитализацијата е клуч за рушење на ѕидовите меѓу луѓето и знаењето. Со оваа иницијатива сака да инспирира и други да создаваат проекти со почит кон културата и јавниот простор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни