Скопје денеска одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес.
Имено, на денешен ден (26 јули) во 1963 година утрото околу 5:17 минути катастрофален земјотрес го погоди и разурна градот, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути.
Земјотресот бил со јачина од 9 степени по Меркалиевата скала или 6,1 степени според Ритхеровата и траел 20 секунди.
Се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар.
Како последица на земјотресот, загинале околу 1.070 луѓе, а 2.900 биле повредени, додека пак бројот на лица кои останале без својот дом бил 200.000.
Од силниот потрес биле урнати 15.800 станови, додека пак оштетени биле 28.000.
Од трагедијата на Скопје целиот свет бил вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упатил апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упатила препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот.
Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.