Македонија

Скопските пожарникари го запреа огнот кај Грачани, активни уште неколку пожари низ земјата

Скопските пожарникари го запреа огнот кај Грачани, активни уште неколку пожари низ земјата

Скопските пожарникари успеаја да го запрат огнот и да спречат тој да навлезе во скопското село Грачани, откако огнена линија со должина од над пет километри, која завчера премина од косовска страна, го загрози населеното место. Во овладувањето на непристапниот терен клучна улога имаа два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), соопшти директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Пожарникарите на терен потврдија дека со поддршката од воздухот и добрите координации успеале да ја пресечат линијата на огнот, со што е избегната директна опасност за селото.

Покрај овој пожар, низ државата сè уште се активни повеќе други жаришта:

  • Струга – Кичево: Оценето како најтешко жариште од денешните пожари. Утрово дејствувал армиски хеликоптер за поддршка на струшките пожарникари, а очекувањата се дека огнената линија наскоро ќе биде прекината и нема да ги загрози околните села.
  • Студеничани: Активни се два пожари за кои постојат сомневања дека се повторно намерно запалени. Не претставуваат закана за населените места и се очекува брзо да бидат ставени под контрола.

Ангелов потсети дека изминатото деноноќие биле регистрирани над 40 пожари на отворен простор и упати апел до сите граѓани на максимално внимание. И покрај најавите за врнежи од дожд, опасноста од нови избивања останува исклучително висока.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни