Скрински на 4tv.mk: Македонија е периферна тема во кампањата, но каква и влада да се формира, ставот за промена на Уставот останува

Односите меѓу Софија и Скопје речиси воопшто не се тема на дебата во актуелната предизборна кампања во Бугарија. Политичарите таму се фокусирани на внатрешните проблеми и скапиот живот. Ова во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4tv.mk го открива новинарот Румен Скрински од Actualno.com. Сепак, тој предупредува дека тоа не значи омекнување на бугарската надворешна политика.

„Темата Република Северна Македонија стои многу периферно во овој разговор. Стои некако на многу поинаков начин. Многу настрана од сето она што го возбудува политичкиот живот овде. И тоа е разбирливо. Овде главно темите се поврзани со инфлацијата, со цените на горивата, со цените на храната и меѓународната ситуација… Речиси и да не сум слушнал политичар кој би ја коментирал темата и би ја ставил во фокусот на својата програма во моментов“, објаснува Скрински.

Иако прашањето не носи политички поени во моментов, ставот на официјална Софија во однос на условите кон нашата држава е бетонски. Новинарот за 4tv.mk прецизно појаснува што ќе се случува по изборите:

„Сметам дека каква и влада да се формира, дури и да не се формира влада, туку да остане редовен кабинет… земјата, односно официјална Софија ќе се држи до овие две основни точки. Почитување на договорот за пријателство и добрососедство, како и на европскиот консензус од 2022 година. Практично што значи тоа? Впишување на Бугарите во Уставот во Р.С.М. Односно, моето чувство е дека политиката на Софија ќе биде многу доследна во таа насока. Официјална Софија нема да бара нешто друго.“