Скрински за „Ноќно студио“: Бугарија е во криза без преседан, се трошат 80 милиони евра за осмите избори по ред

Бугарија се наоѓа во исклучително тешка и комплексна политичка ситуација, која директно удира по џебот на граѓаните и по довербата во државниот апарат. Во ексклузивното интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4tv.mk, бугарскиот новинар Румен Скрински од порталот Actualno.com направи детална анализа на политичкиот ќорсокак во кој се наоѓа земјата во пресрет на новото гласање.

„Ова се осми по ред парламентарни избори од 2021 година наваму. Само за овие избори Бугарија ќе потроши помеѓу 65 и 80 милиони евра. Ние реално немаме претстава каков ќе биде конечниот износ на сумата за овие избори“, истакнува Скрински во разговорот.

Според него, политичката нестабилност ја донела земјата во критична точка, што предизвикува огромен револт кај граѓаните. Незадоволството особено се чувствува меѓу младите генерации кои досега беа пасивни.

„Сакам да кажам дека сме во ситуација на криза без преседан, на невидено нарушена доверба, како во однос на политичката класа, така и во однос воопшто и на институциите кај нас, бидејќи да ги потсетам вашите гледачи, дека Бугарија влезе во еврозоната, без редовен буџет и во ситуација на протести, невидени протести, кои извадија на улица исто така една многу поразлична генерација… луѓе за кои бевме навикнати да мислиме дека нема да протестираат“, вели Скрински за 4tv.mk.

Економската слика дополнително ја отежнува ситуацијата. Бугарија веќе четврти месец е без редовен буџет и се потпира на средствата од претходната година, во услови на силна инфлација која народот ја чувствува во продавниците и на своите плати. Аналитичарите се надеваат дека излезноста овој пат ќе биде поголема, а како пример Скрински ги посочува неодамнешните избори во Унгарија: „Унгарците покажаа дека кога имаат волја, кога имаат желба, тоа не се празни клишеа… Ако и ние спроведеме такви избори, тоа може навистина коренито да ја промени сликата и да го направи парламентот многу шарен.“