Познатиот македонски хип-хоп артист Марко Маринковиќ – Слаткаристика, преку емотивна објава на социјалните мрежи соопшти дека тимот зад најавениот документарен филм за неговиот живот се откажува од средствата доделени од Агенцијата за филм.
Реакцијата на Маринковиќ доаѓа по низата коментари и дебати во јавноста поврзани со резултатите од конкурсот на Агенцијата. Тој децидно појаснува дека парите не биле наменети лично за него, туку за проект на кој филмска екипа работи веќе две години.
„Сакам една работа да биде јасна… ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене“, истакнува музичарот.
Иако изрази благодарност до Комисијата при Агенцијата за филм што ја препознала важноста на темата, Слаткаристика нагласува дека не сака проектот кој промовира разбирање и прифаќање да биде причина за раздор.
Поради тоа, донесена е одлука филмот да се реализира без државна финансиска поддршка, односно со помош на пријателите, соработниците и публиката.
„Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера“, порачува артистот на крајот од своето обраќање.