Македонија бележи значителен напредок во заштитата на најмладите, позиционирајќи се како една од најуспешните земји во светот во намалување на неонаталната смртност, покажува најновиот глобален извештај на Обединетите нации.
Министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција информираше дека резултатите за 2025 година укажуваат на сериозно подобрување во грижата за новороденчињата и децата до петгодишна возраст.
Според презентираните податоци, за помалку од една деценија стапката на смртност кај новороденчињата е намалена за 87 проценти – од 8,1 на 1,1 случаи на 1.000 живородени. Во исто време, смртноста кај децата до петгодишна возраст е намалена за 75 проценти, од 11,1 на 2,8 случаи на 1.000 живородени.
Алиу истакна дека овие резултати се постигнати благодарение на координираните активности на институциите, вклучително и Министерството за здравство, Комитетот за безбедно мајчинство, како и соработката со меѓународни партнери како УНИЦЕФ, Светската здравствена организација и УНФПА.
„Ова е потврда дека вложувањата во здравствениот систем носат резултати и дека сме на вистинскиот пат во унапредување на грижата за мајките и децата“, нагласи министерот.
Во изминатиот период биле реализирани повеќе мерки насочени кон подобрување на здравствената заштита, меѓу кои зајакнување на итната акушерска нега, подобрување на третманот на новороденчињата, ажурирање на клиничките протоколи, унапредување на практиките за реанимација и превенција од инфекции, како и подобрување на транспортот на ризични случаи.
Паралелно, се спроведува и мастер-планот за перинатална нега 2020–2030, кој има за цел создавање на организирана мрежа за здравствена грижа според степенот на ризик и континуирано унапредување на квалитетот на услугите во целата држава.
