Снимените разговори во ОЈО се пракса на минатите владеачки структури, Владата остро го осудува случајот

„Владата на Република Македонија остро го осудува случајот со снимените телефонски разговори во Основното јавно обвинителство. Сметаме дека ваквите појави се рецидив од минатото и пракса на минатите владејачки недемократски структури“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски за снимените разговори во Јавното обвинителство и притоа додаде дека очекува институциите да го испитаат и целосно да го решат случајот:

„Владата очекува дека институциите ќе посветат максимални капацитети во истрагата, дека ќе се расчисти настанот и дека јавноста ќе биде веднаш и целосно информирана.

Тоа што можеме во моментов да го кажеме е дека министерството за внатрешни работи целосно е вклучено во предистражната постапка. Одговорноста мора да биде идентификувана, утврдена и целиот случај да има ефикасна судска разрешница.

Владата на Република Македонија исто така ги става на располагање на Основното јавно обвинителство сите капацитети со кои располагаме доколку е истото побарано и потребно“, изјави Бошњаковски.

Извор: ТВ21