Со 66 гласа „за“ и 49 „против“, без воздржани, Собранието на Косово на вонредна седница синоќа ја изгласа новата Влада предводена од Албин Курти, кој по третпат ќе ја извршува функцијата премиер. По гласањето, Курти и членовите на неговиот кабинет положија заклетва пред пратениците.
Против изборот гласаа пратениците на Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Српска листа и Алијансата за иднината на Косово (ААК).
Во расправата по експозето, лидерот на ДПК, Бедри Хамза, најави дека на првата редовна седница ќе побара усвојување резолуција со која ќе се бара правично и непристрасно судење, во согласност со меѓународните стандарди, за обвинетите во Хаг. Тој повика на широка поддршка за резолуцијата и ги охрабри политичките и институционалните претставници да учествуваат на протестниот марш на 17 февруари во знак на поддршка на поранешните лидери на ОВК на кои им се суди во Хаг.
Хамза посочи дека ДПК ќе биде воздржана во дебатата на конститутивната седница, но ќе даде поддршка за прашања од стратешко значење, како изборот на претседател и ратификацијата на меѓународни договори. Според него, поддршката за консензус е израз на државна одговорност, но го критикуваше експозето на Курти, оценувајќи дека содржи ветувања без јасна финансиска основа.
Претседателот на ДСК, Љумир Абдиџику, изјави дека неговата партија ја прифаќа улогата на опозиција, но останува отворена за институционална соработка околу важни теми. Тој нагласи дека стабилноста на државата се гради со зрелост, почитување на опозицијата и развој на политичка култура, а не само врз основа на парламентарна математика.
Од Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири го критикуваше составот на новиот кабинет, оценувајќи дека станува збор за „приспособување на власта“ со цел спроведување партиска агенда. Според него, бројот на министри е преголем за Косово.
Игор Симиќ од Српска листа порача дека неговата партија нема да ја поддржи Владата, обвинувајќи ја претходната извршна власт за кршење на правата на српската заедница. Тој истакна дека Српска листа ќе се спротивставува на политики кои, како што рече, се насочени против српскиот народ и изрази несогласување со предлогот Ненад Рашиќ да биде министер за заедници и враќање.
Седницата за избор на Владата се одржа по конститутивната седница на која беше инаугуриран десеттиот состав на Собранието на Косово, избран на парламентарните избори одржани на 28 декември.
