Собранието денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со кои се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителството и трансплантацијата во земјава.
Од Министерството за здравство соопштија дека новите законски решенија овозможуваат појасно изразување и евидентирање на личната волја на граѓаните за дарување органи, како и проширување на можностите за лекување преку трансплантација.
Со измените се отстрануваат и дел од административните пречки во системот, со цел процесот на органодарителство и трансплантација да биде пофункционален, поефикасен и подостапен за пациентите на кои им е неопходно вакво лекување.
Од Министерството оценуваат дека законот претставува значаен исчекор во унапредувањето на трансплантацискиот систем и придонесува за подобра здравствена заштита и поголема правна сигурност во оваа област.
„Министерството за здравство останува посветено на понатамошно зајакнување на трансплантацискиот систем, подигнување на јавната свест и градење доверба, затоа што органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, соопштија од министерството.