Собранието на денешната 88. седница го заврши претресот по неколкуте барања за автентично толкување на членови од законите за локалната самоуправа, водите, водостопанството и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.
Собранието даде автентично толкување на член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа, поднесено од претседателот на Советот на Општина Битола, на член 44 од Законот за локалната самоуправа, поднесено од градоначалникот на Општина Велес, на член 123 ставови 1 и 2 од Законот за водите, а во врска со член 6 став 2 и 3 од Законот за водостопанство, барање поднесено од градоначалникот на Струга и автентично толкување на член 40 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, поднесено од градоначалникот на Општина Центар.
Во рамки на 88-та собраниска седница, пратениците ја усвоија и Предлог одлуката за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември “.
Од точките на дневниот ред која остана неразгледана е Предлогот на законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетска криза по скратена постапка.
Претходно на почетокот на седницата пратеникот на партијата Левица, Димитар Апасиев процедурално забележа зошто не е ставена на гласање точката 21, иако биле исполнети деловничките услови, односно предлогот е поминат на две комисии и имало позитивно мислење од Владата. – Требаше само да помине на гласање, рече Апасиев.
Џафери на тоа реплицираше дека неспорно е оти условите се исполнети и дека ќе биде земена предвид во продолжение, бидејќи има услови да се отвори расправа, а не само гласање.
Собранието по кратката пауза продолжи со 82-та седница на која на дневен ред се предлог-законите за изменување на Законот за судска служба, на Законот за јавнообвинителска служба и на Законот за извршување на санкциите по скратена постапка, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за виното.