Во Собранието денеска ќе се одржи седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на која ќе се разгледува претставката поднесена од Здружението „16 март 2025 Кочани“, познато како Здружение на родителите на загинатите деца во трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Родителите повторно истакнуваат дека нивната иницијатива не е политички мотивирана, туку претставува борба за правда и барање одговорност од институциите за да не се повторат вакви трагедии.
Во своето обраќање до Комисијата, тие нагласуваат дека бараат само почитување на правата гарантирани со Уставот и законите – заштита на човековиот живот, безбедност и правична постапка. Од Комисијата очекуваат да отвори постапка за утврдување на можни повреди на човековите права, да повика претставници од сите релевантни институции и да отпочне темелна парламентарна истрага за евентуални пропусти, прикривања или коруптивни влијанија. Родителите бараат и итни измени во прописите за работењето на угостителските објекти, со построги безбедносни стандарди и поефикасен инспекциски надзор.
Претседателот на Комисијата, пратеникот Димитар Апасиев, соопшти дека на седницата се поканети претседателката на државата, премиерот, претседателот на Собранието, министерот за внатрешни работи и други надлежни институции. Тој го повика владејачкото мнозинство да присуствува, потсетувајќи дека датумот е усогласен со родителите бидејќи денеска нема закажано судско рочиште за случајот „Пулс“.
Минатата недела, Собранието – на предлог на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ – донесе одлука за формирање Анкетна комисија што ќе ги разгледува постапките на институциите во повеќе трагедии, меѓу кои кочанскиот пожар, случајот со модуларната болница, несреќата на „Дурмо турс“ и автобуската трагедија кај Ласкарци.
Покрај оваа седница, во 11 часот е закажана и пленарна седница на која ќе се расправа за дополнетиот Предлог-буџет за 2026 година.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а повеќе од 200 беа повредени, започна на 19 ноември во КПУ Идризово. Постапката, пред судијката Диана Груевска Илиевска, се одвива под засилени безбедносни мерки. На обвинителна клупа се наоѓаат 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
