Објавувањето на дипломатска нота поврзана со приватно патување на семејството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Бугарија предизвика нови дипломатски тензии меѓу Скопје и Софија. Додека македонската страна алармира за загрозена безбедност, бугарското Министерство за надворешни работи ги демантира обвинувањата.
Министерството за надворешни работи на Бугарија експресно негираше дека споделило дипломатска нота поврзана со престојот на сопругата и помалиот син на премиерот Мицкоски. Во соопштение испратено до бугарските медиуми, од Софија појаснуваат дека информациите што деновиве циркулираат во јавноста се однесуваат на вербална нота од 6 јануари годинава и за настани што се одамна поминати.
„Во моментов оваа информација не може да се сфати како основа за заклучоци дека постои непосредна опасност по безбедноста на граѓаните на Бугарија или на друга земја. Министерството за надворешни работи придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и строго се придржува кон утврдените меѓународни правила и практики во оваа област“, соопштуваат од бугарското МНР.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека во јавноста била пласирана дипломатска нота за неколкудневен престој на неговото семејство во зимскиот центар Пампорово, Бугарија, на почетокот на годинава.
Тој потенцираше дека за случајот веќе ги информирал партнерите во НАТО, бидејќи со протекувањето на ваквите документи директно се загрозува безбедноста на неговото семејство. Според него, ваквиот чин дополнително ги радикализира и влошува односите со Бугарија.
Како реакција на овој настан, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје итно бил повикан бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков. Од него македонските власти побарале официјално објаснување, но и темелна истрага од страна на Софија за тоа како нотата стигнала до јавноста.