Македонија

СОНК избира нов претседател: Стојко Рамов единствен кандидат, Јаким Неделков заминува по 16 години

СОНК избира нов претседател: Стојко Рамов единствен кандидат, Јаким Неделков заминува по 16 години

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска го одржува осмиот конгрес, на кој се очекува избор на ново раководство. По 16 години на чело на синдикатот, досегашниот претседател Јаким Неделков ја напушта функцијата, а единствен кандидат за негов наследник е Стојко Рамов.

Пред почетокот на конгресот, Неделков изрази задоволство од постигнатите резултати, особено од зголемувањето на платите во образованието, науката и детската заштита.

Според него, и покрај економската криза и високата инфлација, синдикатот успеал да обезбеди значително поголеми покачувања на платите во однос на претходните години.

„Инфлацијата беше огромна, а ние имавме само пет проценти зголемување на плати. Значи тој праг ние го срушивме. Имавме зголемување на плати по петнаесет проценти, осмнаесет проценти и така натака“, изјави Неделков.

Тој посочи дека, според неговата оценка, во изминатиот мандатен период најниското вкупно зголемување на платите во детската заштита и образованието надминало 70 проценти, додека во високото образование и науката достигнало околу 100 проценти.

Единствениот кандидат за нов претседател, Стојко Рамов, најави дека, доколку ја добие довербата на делегатите, ќе продолжи со досегашниот пристап на синдикатот, со акцент на социјалниот дијалог, новите колективни договори и заштитата на работничките права.

„Продолжување на социјален дијалог и партнерство на сите нивоа со влада, со министерство, со локална самоуправа, со работодавач, за изнаоѓање на прифатливи решенија за нашите членови“, изјави Рамов, посочувајќи ги своите приоритети.

Меѓу неговите најавени заложби се склучувањето нови колективни договори, почитувањето на веќе стекнатите права и натамошното подобрување на материјалната и социјалната положба на членовите на СОНК.

Со денешниот конгрес, синдикатот влегува во ново раководно поглавје, а платите, колективното договарање и соработката со институциите остануваат меѓу главните приоритети.

Официјалната одлука за изборот на новиот претседател и останатото раководство се очекува по гласањето на делегатите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни