Македонија

Сопствениците на „Пулс“ ја повлекоа тужбата против младите обвинети за демолирањето на кафе-барот „Класик“

Сопствениците на „Пулс“ ја повлекоа тужбата против младите обвинети за демолирањето на кафе-барот „Класик“
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Основниот суд во Кочани ја запрел кривичната постапка против група млади лица кои беа обвинети за демолирање на кафе-барот „Класик“ по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, откако тужителот се откажал од понатамошно гонење.

Според судската документација, компанијата ДПТУ „Бит Тим“ ДООЕЛ Кочани, чиј управител е Михаил Јованов, преку свој полномошник доставила поднесок со кој ја повлекува приватната тужба против обвинетите.

Во решението на Основниот суд Кочани се наведува дека на 11 јуни годинава бил доставен поднесок за повлекување на тужбата, по што судот, постапувајќи согласно одредбите од Законот за кривична постапка, донел одлука за запирање на предметот.

Обвинетите во случајот се товареа за кривичните дела „Оштетување туѓи предмети“ и „Нарушување на неповредливоста на домот“.

Судот констатирал дека со повлекувањето на приватната тужба престануваат условите за натамошно водење на постапката, поради што предметот е затворен.

Одлуката е донесена на 12 јуни 2026 година од судијата Спиро Борисов од Основниот суд Кочани.

Кафе-барот „Класик“ беше оштетен во деновите по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија десетици млади лица. По трагедијата, дел од револтираните граѓани своето незадоволство го насочија кон објекти кои се поврзуваа со сопствениците на дискотеката.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни