Македонија

Сосетка на настраданите мајка и ќерка во Тафталиџе: Пријавувавме насилство, но никој не реагираше доволно

Сосетка на настраданите мајка и ќерка во Тафталиџе: Пријавувавме насилство, но никој не реагираше доволно

Соседите со месеци слушале расправии, викање и насилство во станот каде што живееле мајката и ќерката кои трагично настрадаа во скопската населба Тафталиџе, сведочи во „Ноќно студио“ на 4ТВ нивната сосетка Тања Спировска.

Таа вели дека неколку пати лично пријавувала во полиција поради галама и сомнеж за семејно насилство.

„Јас сум на трети кат, тие беа на шести. Неколку пати имам пријавено на 112 и двапати дојде полиција“, раскажува Спировска.

Според неа, при една од интервенциите полицаецот се однесувал грубо и тропал по вратите на станарите за да открие кој го пријавил случајот.

„Беше околу 11 часот навечер. Одеше од стан на стан, тропаше по вратите и прашуваше каде е жената. Дури ми рече дека можам да добијам пријава за лажно пријавување“, вели таа.

По тој настан, Спировска напишала порака во вибер-групата на станарите во зградата, повикувајќи ги соседите да реагираат.

„Напишав дека машкоста не се покажува со тепање и дека следниот пат ќе повикам и специјалци, затоа што не смееме да бидеме соучесници“, раскажува таа.

Соседите, како што вели, сега чувствуваат вина што не успеале да го спречат трагичниот исход.

„Како минуваат деновите, сите сме се потажни. Разговараме меѓу себе што сме слушнале и виделе. Тоа беше речиси секојдневно“, додава Спировска.

Таа сведочи дека детето често било исплашено и постојано било блиску до мајката.

„Детето беше залепено за мајката и уплашено. Комшии кажуваа дека тропало по врати и барало помош. Еднаш во два часот по полноќ се слушаше како вика: ‘Тато ќе ја убиеш мама’“, вели таа.

Според нејзините зборови, расправиите и насилството се слушале низ целата зграда – преку ходниците и вентилацијата, а инциденти се случувале и надвор од станот, пред зградата и во лифтот.

Спировска додава дека иако повеќепати имало пријави, никогаш не била повикана на разговор во полиција, освен по трагичниот настан кога изјава побарало обвинителството.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни