Македонија

Спасовски ги отфрли шпекулациите за лидерска кандидатура во СДСМ

Спасовски ги отфрли шпекулациите за лидерска кандидатура во СДСМ

Во период кога СДСМ работи на внатрешна консолидација по изборниот пораз, пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека во моментов приоритет за партијата треба да биде зацврстувањето на единството, а не отворањето дебати за ново лидерство.

Говорејќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски ги отфрли шпекулациите околу можни претседателски амбиции во СДСМ и оцени дека разговорите за кадровски решенија се ненавремени, бидејќи партијата веќе има легитимно раководство.

„Ниту е време да разговараме за претседател на СДСМ. Претседател на СДСМ имаме. Наша прва и основна одговорност – како на претседателот и раководството, така и на сите нас како членови – е да направиме сѐ за да зајакне партијата“, изјави Спасовски.

Тој нагласи дека закрепнувањето на партијата треба да се темели на три клучни сегменти – зајакнување на внатрешното единство, подобрување на организациската поставеност и создавање програмски вредности што граѓаните повторно ќе ги препознаат како политичка алтернатива.

Како еден од поискусните политичари во пратеничката група на СДСМ, Спасовски испрати порака дека внатрешните поделби и личните интереси не смеат да бидат пречка за идниот развој на партијата.

„Јас постојано повторувам дека единството е најважната работа. Нема ништо поважно од единството за успехот на една политичка организација. А тоа единство во пракса значи да се даде можност и да се пружи рака на секого, притоа целосно да се заборават личните суети кои можеби сѐ уште ги има кај одредени поединци во партијата“, заклучи Спасовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни