Македонија

Спасовски: СДСМ мора да го врати коалицискиот капацитет!

Спасовски: СДСМ мора да го врати коалицискиот капацитет!

Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека СДСМ треба повторно да го зајакне својот коалициски потенцијал и да остане отворен за соработка со сите политички субјекти кои ги делат истите прогресивни вредности.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски говореше за односите со ДУИ, при што нагласи дека двете партии не настапиле заедно на изборите, туку функционирале како партнери во Владата.

„Не беше тоа коалициски партнер од изборите, затоа што не настапивме заедно на изборите. Но, како владини партнери работевме заедно“, изјави Спасовски.

Тој посочи дека и СДСМ и ДУИ направиле грешки во периодот на заедничкото владеење, додавајќи дека постојат аргументи за оценките дека ДУИ бил товар за СДСМ.

„Сме имале грешки и едните и другите. Дали ДУИ претставуваше проблем? Можеби да, и постојат аргументи зошто е тоа така“, рече Спасовски.

Според него, СДСМ во минатото бил препознаен како политичка партија со најголем коалициски капацитет во државата, а токму тоа, како што истакна, треба повторно да се изгради.

„СДСМ важеше за партија со најголем коалициски капацитет и треба да направиме сè за да го вратиме тој капацитет“, нагласи Спасовски.

Тој порача дека вредностите што ги застапува СДСМ – правда, еднаквост, солидарност и грижа за работниците – треба да бидат основа за соработка со сите прогресивни политички сили во државата.

„Треба да бидеме отворени за сите прогресивни сили кои ги делат вредностите на солидарност, правда и еднаквост и заеднички да ја градиме државата како дом на сите граѓани“, порача Спасовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни