Спасовски: Се усогласуваме со европските стандарди и обезбедуваме поголема безбедност

Желбата да станеме дел од големото евро-атлантско семејство, конечно, постапно се трансформира во реалност и сега од нас се бара да покажеме подготвеност и конечно да го отпочнеме процесот на интегрирање преку исполнување на стандардите во клучните сфери, рече министерот за внатрешни работи и заменик на претседателот на Владата на Република Македонија Оливер Спасовски на денешната конференција во организација на институтот Прогрес во соработка со Калеви Сорса фондација од Финска.

-Стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западен Балкан со  Акцискиот План претставуваат клучни документи на кои не гледаме како наметната обврска, туку се вистински патоказ како да продолжиме понатаму во остварување на стратешките реформи. Реформите се повеќе од неопходни со цел исполнување на обврските за членство во ЕУ, меѓутоа на реформите гледаме и како неопходност која на институциите и општеството, преку нивниот континуиран развој и надградба, ќе им овозможи да ја гарантираат демократијата, човековите права и владеење на правото. Веднаш по објавувањето на Стратегијата за кредибилната перспектива за проширување и зголемен ангажман на ЕУ со Западен Балкан, Владата на Република Македонија проектираше низа мерки, кои со реална динамика на реализација ги преточи во новиот реформски план, Планот 18- рече Спасовски.

Се вчитува...

Високо на нашата агенда во новиот реформски план, Планот 18, рече Спасовски, секако дека е реформата на безбедносниот сектор, елиминирањето на заканите од тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата.

-Приоритетите веќе се имплементираат во пракса. Во ноември оваа година е етаблирана Оперативно техничка агенција, исто така  донесен е пакетот закони неопходни за реформа на системот за следењето на комуникациите. Активно работиме на реализација на следната приоритетна точка од нашата агендареформа на разузнавачките и безбедносните служби. На овој клучен реформски процес му претходеа низа компаративни анализи, дебати,споделување искуства со нашите стратешки партнери. И овој реформски процес се спроведува на транспарентен начин, со обезбедување на инклузивност на сите релеватни чинители. За таа цел, Владата  формираше работната група во која партиципираат претставници од државните органи на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија, претставници од судската власт и јавното обвинителство,  претставници од Собранието на Република Македонија, Народниот правобранител, како и претставници од научната јавност и граѓанското општество. Врз основа на предлог на наведената меѓуресорска работна група, Владата го усвои моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем со планот за негово воспоставување. Имплемантацијата на овој модел имплицира издвојување на Управата за безбедност и контраразузнавање од Министерството за внатрешни работи- рече Спасовски.

Извор: ТВ21